Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Јагнешкото месо во месарниците во Куманово се продава по рекордно високи цени од 600 ден за килограм.
Иако имаше најави дека е можен и пораст на цената доколку има побарувачка пред Велигден, но се чини дека ќе се задржи ова ниво. Табла јајца се продаваат од 160 ден за најситните до 230 денари најкрупните. И цената на раниот зеленчук на зелените пазари е во пораст.
Поради високите цени дел од месарниците прават списоци на заинтересирани купувачи, бидејќи не се сигурни дека ќе го продадат ако набават повеќе.
„Не смееме да нарачаме поголема количина поради високата цена. Има заинтересирани, но количината која ја каупуваат е намалена. Ако порано купуваа по половина или цело јагне, сега само четвртина- колку да замириса куќата. Свинското и пилешкото ја задржаа цената и кај овие артикли нема нагорно поместување“, објаснуваат продавачите.
Јагнешките глави се продаваат по 100 денари, а цревцата се 200 ден килограм. Се чини дека и киселата јагнешка чорба годинава ќе биде деликатес.
Раст на цените има и кај раниот зеленчук на зелените пазари. Врзоп млад кромид или лук се продаваат по 20 денари, марулата е со цена од 20 до 30 денари, а пролетната зелка од 30 до 40 денари. Младиот компир може да се најде од 60 до 100 денари, зависи од големината, додека есенскиот се продава од 35 до 50, во малите пиљари.
Доматите се уште држат цена, па се продаваат од 100 денари за поститните, до 150 денари за тн „розов“ патлиџан, популарен како еден од повкусните и поквалитетни видови. Раст на цената има кај краставиците најмалата продажна цена на пазарот е 80 денари, но оние кои денеска ја набавуваат тврдат дека сега тоа е големопродажна цена кај прекупците, па и не можат да продаваат за цена пониска од 100 денари.
На почетокот на неделата пред 1 Мај и Велигден, нема метежи и турканици ниту на пазарот ниту во продавниците. Но, се очекува веќе од четврток да има зголемување на прометот, откако пензиите и платите на дел од вработените ќе бидат исплатени.
„Со сопругот за 1 Мај нема да печеме скара, се пости, ова е последна недела пред Велигден. Младите нека си празнуваат и нека си прват како мислат. Од четврток ќе започнеме со подготовките, но поскромно. Мораш да подготвиш, ќе ми дојдат ќерките, зетовците, внуците, а во тоа е и убавината на празникот“, истакна Л. Ѓ. пензионерка.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk