Јубилејно 10 издание на „Малински фото фестивал“ во Куманово

29.05.2025 13:31 | KumanovoNews

Јубилејното 10 издание на „Малински фото фестивалот“ ќе започне во петок, во 19 часот во Занаетчискиот дом во Куманово.

Јубилејно 10 издание на „Малински фото фестивал“ во Куманово

Организатор е Фото клуб Куманово, а на изложбата ќе бидат прикажани 40- тина фотографии, продуцирани од членови на клубот во изминатата година. На отворањето ќе биде одржана и фото проекција на дела од автори од Македонија, Србија, Бугарија, Кина, Турција.

Фестивалот се одликува со програма која ги опфаќа сите форми и теми на современата фотографија – од класични пејзажи и портрети, до документарна и експериментална уметност.

„Малински фото фестивалот го слави своето десетто издание. Со изложби и настани во Куманово и Штип, фестивалот продолжува да ги обединува фотографите од различни култури, генерации и стилови. Секоја фотографија на фестивалот е сведоштво за лична визија, заедничка историја и универзална емоција“, стои во поканата на организаторот до јавноста.

Во сабота се организира фото сесија со модели која ќе се одржи на Зебрњак, а нешто подоцна во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, ќе биде отворена меѓуклупската изложба „Круг“, која ги поврзува фотографските клубови од Куманово и Крагујевац. Во Уметничката галерија ќе биде отворена и самостојна изложба на фотографот Славиша Станковиќ, а потоа ќе биде поставена клупската изложба „Тумба“ на Фото клуб Куманово. Со 20 свои дела ќе се претстави и Наум Цветковски, член на клубот.

Фестивалот ќе заврши на 1 јуни, недела, во Штип. Денот ќе започне со отворање на изложбата „Мајстори на НПУМ“ во библиотеката „Гоце Делчев“, а ќе продолжи со фото сесија во околината на Штип.

Малински фото фестивал се одржува со поддршка на Општина Куманово во висина од 20.000 денари, и патронат на Министерството за култура.  

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk