Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Да се изработи катастар на загадувачи во општината Куманово и да се побара Министерството за заштита на животната средина да постави уште една мерна станица во градот, се заклучоците кои денеска ги донесоа советниците на вонредна седница на Совет на која се расправаше за состојбата со аеро загадувањето на градот.
Повеќето советници сметаат дека Куманово не е загаден град како што се прикажува во јавноста, но сепак признаваат дека најголем проблем претставува издувните гасови на големиот број автомобили во централното градско подрачје, како и сиромаштијата која ги натера граѓаните да се грејат на дрва.
„По сите критериуми и параметри кои се објавуваат на страницата на Министерството за животна средина покажуваат дека Куманово не е најзагадена општина во државата. Во текот на минатиот месец и околу Нова година имаме само неколку дена повисока загаденост од дозволената. Во многу полоша состојба се наоѓаат Битола, Кавадарци, Гази Баба, Центар, Тетово... - изјави Бобан Бојковски, овластен инспектор за животна средина во општина Куманово.
Од Општината сметаат дека поради неадекватаната позиција на мерната станица, која се наоѓа покрај топланата на мазут во кругот на Кумановската болница, не се отсликува фактичката состојба на загадувањето во градот. При тоа потсетија дека во Куманово не работи ни една фабрика ниту пак има некој голем загадувач, а локалните институции се заграваат на гас.
„Ако тоа е проблемот тогаш нека се дислоцира станицата на некое друго место во центарот на градот за да се констатираат реалните вредности на загадувањето. Со денови се дава информација дека Куманово е најзагаден град, ние на кого да веруваме на вас или на релевантните институции. Граѓаните мора да знаат каков воздух дишат и локалната самоуправа има обврска да ги преземе потребните мерки за заштита, - изјави Мирослав Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Советникот Драги Караџински побара случајот со загадувањето да не се политизира, бидејќи тоа не е во интерес на граѓаните.
„Се согласувам дека топланата допринесува за загадувањето, но не толку многу како издувните гасови на големиот број на автомобили кои секојдневно се движат во централното градско подрачје. Таму треба да се лоцира проблемот и да се реши„, - изјави Караџински.
Вонредната седница на Советот се одржа на барање на ВМРО-ДПМНЕ кои сметаат дека Куманово е најзагаден град во државата и Европа, но повеќето советници денеска рекоа дека итноста на проблемот не била толку голема за да мораат да заседаваат на голениот христијански празник Бадник.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk