Казнети 170 пијани и 556 возачи што возеле пребрзо

25.07.2021 19:55 | Сузана Николиќ

На целата територија на државата санкционирани се 170 возачи кои возеле под дејство на алкохол и 556 возачи кои возеле пребрзо. На територијата на СВР Куманово санкционирани се 26 возачи под дејство на алкохол и 69 возачи кои ги прекршувале правилата за ограничување на брзината.

Казнети 170 пијани и 556 возачи што возеле пребрзо

„Повторно апелираме до сите учесници во сообраќајот, да демонстрираат повисоко ниво на лична одговорност и да дадат свој личен придонес за побезбеден сообраќај и за помалку настрадани лица на улиците и патиштата во Република Северна Македонија. Единствено преку повисоко ниво на дисциплина и одговорност на секој учесник во сообраќајот поединечно, ќе го направиме  сообраќајот побезбеден за сите. Акцијата за нула толеранција за возачи под дејство на алкохол, и нула толеранција за оние кои возат брзо и агресивно, продолжува“, рече портпаролот на МВР Тони Ангеловски во Куманово, на промоција на кампањата под мотото „Вози одморен“, која ја спроведува МВР и РСБСП.

Статистичките податоци покажуваат дека во летниот период се зголемува бројот на сообраќајни незгоди, а од нив голем дел се последица на заморот. Водејќи се од тоа, МВР и РСБСП преку едукативни материјали и преку дистрибуција на вода, ваучери за кафе, маици и друг едукативен материјал и преку едукативни разговори и советување ги потсетуваат возачите да не ги преценуваат своите возачки способности, да не си поставуваат нереални цели во патувањето (како на пример: во 8.00 часот треба да бидам на плажа, за 6 часа стигнав до целта, јас можам да возам 10 часа без паузи, итн.) туку напротив да патуваат одморени, наспиени и да одмараат веднаш штом ги почувствуваат првите знаци на замор.

Брзото возење и возењето под дејство на алкохол исто така се во групата на главни причинители на сообраќајни незгоди со сериозни и фатални последици и  токму затоа во рамките на Летната кампања 2021,  МВР и РСБСП посветуваат големо внимание на овие ризик фактори. 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk