Ќе се воспоставуваат нови механизами за да се минимизира корупцијата во општините

28.11.2024 15:52 | Оливера Пешевска

Општините да создадат системи со кои ќе се минимизираат ризиците од корупција и ќе се зголеми довербата на граѓаните е целта на проектот „Заедници со интегритет“ кој беше промовиран во Занаетчискиот дом во Куманово,  која го финасира Швајцарската влада, а го спроведува Националниот демократски институт (НДИ).

 

Ќе се воспоставуваат нови механизами за да се минимизира корупцијата во општините

Во  проектот освен Куманово, вклучени се и Битола, Боговиње, Гази Баба, Штип и Струмица. 

„Најголема корист ќе имаат граѓаните на Куманово преку воведување на внатрешни механизми во општината за градење на отпорност кон корупцијата. Ќе соработуваме со две клучни агенции- Државната комисија за спречување на корупција и Државниот завод за ревизија, кои се есенцијални и за дизајнирање на програмата и за спроведување на истата“, истакна Дејвид Сип, виш резидентенпроектен директо и лидер на тимот.

Проектот ќе има два насоки, работа со самите оптштини, да им се помогне да ги зајакнат антикорупциските системи. Вториот, вклучува работа со граѓанските организации и медиумите, за зајакнување на нивниот систем и да можат да учествуваат во работата на општината и да вршат подобар надзор над системот. Намерата е зајакнување на капацитетите на институциите и на граѓаните, да препознаат и да се борат против корупција.

Освен обуки, ќе се креираат механизми, менување или креирање на нови законски решенија, но и дополнителен ангажман на сите инволвирани.

„Ова ќе значи дополнителен ангажман, меѓутоа токму воспоставувањето на нови процедури и механизми дефакто ја олеснува понатамошната работа и ја олеснува позицијата, вклучувајќи ги и државните служби, локалната администрација, граѓанскиот сектор и медиумите“, истакна Кристина Колозова, виш програмски офицер во Амбасадата на Швајцарија.

На почетокот се вклучени шест општини од државата- освен Куманово, ќе се работи и во Битола, Боговиње, Гази Баба, Штип и Струмица. Планот е во првите две години да расне бројот на вклучени локални самоуправи, а целиот проект е планирано да трае 10 години. Првите две фази се проектирани на по 4 годишен период, првата завршува на 1 ноември 2028 година, втората фаза во 2032 година, за да целиот проект биде заокружен и завршен на 1 ноември 2034 година. Целокупната планирана финасиска вредност е проценета на 10 милиони швајцарски франци.

Оперативно ќе учествуваат Државна комисија за спречување на корупцијата, Државен завод за ревизија, Министерство за финансии и Бирото за јавни набавки, Државен инспекторат за единиците на локалната самоуправа и Министерство за локална самоуправа, Министерство за јавна администрација и Министерство за дигитална трансформација.

Истражувањата спроведени во последните неколку години покажуваат дека повеќе од 60 проценти од граѓаните се загрижени од потенцијална корупција, но веруваат и дека општините немаат доволно волја за борба против корупцијата, а самите функционери би можеле да влезат во такво однесување, поради чувството на неказнивост. 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk