Книжарница на тркала на Градскиот плоштад во Куманово

31.03.2021 11:13 | KumanovoNews

На Градски плоштад во Куманово утре од 10 до 18 часот ќе биде поставена подвижна книжарница. Книжарницата на тркала „Зборче“ е во сопственост на Книжевен центар „Антолог“, а посетата на нашиот град се организира во соработка на Библиотеката „Тане Георгиевски" Куманово.

Книжарница на тркала на Градскиот плоштад во Куманово

Книжарницата на тркала е сосема нов и иновативен концепт, кој ги подигна на друго ниво достапноста на книгите и културата на купување книги.

Новата, подвижна книжарница на „Антолог“ официјално почна со работа на 17 март 2021 година на Плоштадот Македонија во Скопје, а оттогаш ја менува и ќе ја менува својата локација низ целата држава, доближувајќи ги сите најактуелни наслови и автори дури и на најнеочекуваните места.

„Одамна размислувавме за можноста што повеќе да ги доближиме книгите до нашите читатели што секојдневно нè следат и нè поддржуваат, особено во оние места каде што за жал бројот на книжарниците и достапноста на книгите се на многу ниско ниво. Оваа нова и иновативна книжарница на тркала е следната приказна што ја испишуваме и на која сме особено горди. Атрактивната книжарница веќе патува низ целата земја за да биде што поблиску до книгољупците, задржувајќи го сепак оригиналниот уметнички концепт по кој како бренд сме препознатливи. Покрај богатиот асортиман на домашна и преводна литература за сите возрасти, идејата е и да прерасне во атракција што ќе обединува книжевни настани, промоции, средби и гостувања на автори“, - велат организаторите.

Настанот ќе биде со задолжително почитување на сите протоколи и заштитни мерки.

(С.Н.)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk