Кога конечно ќе заврши реновирањето на спортската сала, прашуваат од СДММ Куманово

03.04.2025 18:46 | Оливера Пешевска

Кога конечно ќе заврши реновирањето на спортската сала во Куманово, објект за кој биле предвидено 6,5 милиони евра и кој ни по 4 години не е пуштен во употреба, прашаа од СДММ Куманово на денешната прес конференција.

 

Кога конечно ќе заврши реновирањето на спортската сала, прашуваат од СДММ Куманово

„Најпрвин се почна со замена на кровот и трибините, но уште од самиот почеток на реновирање имаше низа пехови и аномалии. Тукушто поставениот нов кров протече, а излезе и скандал со набавката на семафорот чија цена изнесувала 160.000 евра.
Да не заборавиме да го прашаме градоначалникот во заминување дали ќе се реши проблемот со системот за греење и ладење и дали истиот проблем ќе донесе дополнителни трошоци. Веќе беше најавено дека спортската сала ќе биде пуштена во употреба за Денот на ослободување на Куманово – 11. Ноември, но очигледно на кумановчани не им беше кажано за која година е предвидено“, истакна Данијел Димитријевски, член на Извршниот одбор на СДММ.

Тој потсети дека Владата во 2020 година ја вратила спортската сала во сопственост на Општина Куманово, а граѓаните 4 години се сведоци дека таа се реновира. Димитријевски потенцираше дека салата за секој кумановец е слаба точка, па затоа и се нарекува „наша убавица“.

„На нас ни останува само да чекаме кога конечно ќе се заврши со реновирање спортската сала, а во меѓувреме се надеваме дека нема да излезе уште некој скандал поврзан со неа и нејзиното реновирање“, заклучи Димитријевски.

Спортската сала е изградена во 1980 година, со капацитет од 4.150 седишта. Таа е најголемиот затворен спортски објект во Куманово, каде што се одржуваа многу кошаркарски, ракометни, одбојкарски, боксерски и футсал натпревари.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk