Кои се кандидати за градоначалник на Куманово?

22.02.2017 07:27 | KumanovoNews

Голема заинтересираност за градоначалничката функција владее во политичките партии во Куманово.

Кои се кандидати за градоначалник на Куманово?

Додека трајат постапките за избор на потенцијални кандидати за градоначалници и за советници, дел од партиите излегоа со имиња на претендентите за најпосакуваната локална функција.

Избршниот одбор на СДСМ, од 30 номинирани, одлучи да испрати до централата во Скопје 6 предлози за евентуален кандидат за градоначалник на Куманово, за престојните локални избори, кои треба да се одржат во првата половина на мај. На списокот се: градоначалникот Зоран Дамјановски, пратеникот Максим Димитриевски, Мартин Костовски, претседател на општинската организација на СДСМ, Александар Арсиќ, претседател на Совет, Љубиша Николиќ, поранешен пратеник и Сашо Петрушевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“.

Дали подршката ќе ја добие некој од предложените кандидати или се можни изненадувања и до крајот на постапката централата да понуди ново име, надвор од веќе предложените, останува да се види.

Партиски извори од ВМРО-ДПМНЕ велат дека и кај нив имало голем интерес за партискиот конкурс, но само дел го поминале партискиот филтер и се ставени на анкета. За најсериозен кандидат се смета пратеникот Зоран Георгиевски, кој на минатите локални избори беше противкандидат на Дамјановски. Потоа Драган Петковски претседател на општинскиот комитет, Игор Божиновски раководител во Централен регистар, Филип Филиповски, директор во Водостопанство, Звонко Богдан, адвокат, Бобан Николовски, шеф на Царина Табановце, Бобан Серафимовски, Христијан Георгиевски, адвокат, Ерик Тушевски, бизнисмен и др.

Нашиот извор додава дека во партијата се чека да се види дали ќе има вонредени парламентарни избори, кои ќе се одржат заедно со локалните, па дури тогаш ќе се направи распоредот на силите и ќе се одлучи кој кандидат ќе се најде на листата.

Меѓу можните кандидати се споменува и Виктор Цветковски од ГРОМ, како кандидат на коалциониот партнер, кој ни изјави дека во овој момент не размислува за градоначалничката функција, но има амбиции.

Испитувањето на јавносто мислење и расположението на граѓаните кон партиските кандидати и функционери е вообичаена предизборна пракса. Според непотврдени информации, последните анкети покажале дека најголем рејтинг во СДСМ имаат Оливер Спасовски и Зоран Дамјановски, а во ВМРО-ДПМНЕ Зоран Георгиевски.

За исходот на локалните избори во Куманово, пресудна ќе биде подршката на партиите од албанскиот блок, како што се случуваше и на минатите избори.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk