Кои се потенцијалните кандидати за пратеници од Куманово

06.03.2020 08:32 | KumanovoNews

Останаа уште неколку дена до официјалното објавување на кандидатските листи за пратеници. Како се приближуваат парламентарните избори, така во кумановската чаршија и партиските ограноци се погласни се шпекулациите кои ќе бидат имињата и позициите во Втората изборна единица.

Кои се потенцијалните кандидати за пратеници од Куманово

По обичај, за пратеничката фотеља има многу кандидати и амбиции, а малку добитни позиции, поради што неизвесноста е поголема. Кумановци како и многупати досега, се плашат дека повисоките места повторно ќе ги пополнат коалциони партнери, непартиски личности и „експерти“, а за нив ќе останат неатрактивните места.

Кумановските социјалдемократи до централата во Скопје доставиле листа од над 100 предлози од месните организации, а во најтесен круг влегле девет кандидати, кои се ставени на анкета за да им се провери рејтингот кај граѓаните.

Се работи за луѓе кои имаат високи партиски функции во општинската организација и централните тела: Мартин Костовски, Атина Мургашанска, Оливер Илиевски, Даниел Стојчевски, Соња Тодоровска, Марина Алексовска, Лидија Тасевска и Александар Арсиќ.

 Носител на листата во двојка, најверојатно ќе биде премиерот Оливер Спасовски, а од коалиционите партнери на добитна позиција се очекува да бида претставникот од српската заедница Мирослав Јовановиќ.

На листата на ВМРО-ДПМНЕ за фаворити се сметаат: Бране Петрушевски, Игор Божиновски, Емилија Трајковска и Невена Величковска. За носител на листата се врти името на Владо Мисајловски, а високо позициониран најверојатно ќе биде и нивниот коалициониот партнер Иван Стоилковиќ.

Од албанскиот политички блок фаворити на ДУИ се  Арбер Адеми и Илир Асани, за кој се зборува дека ќе е носител на листата во двојка.

Од Алијансата на Албанците од Куманово потенцијален кандидат е Илми Азири.

СДСМ пратеничките листи ќе ги објави на партиски конгрес во понеделник попладне, а ВМРО-ДПМНЕ во вторник по седница на Централниот комитет на партијата. 

Партиите до четврток (12 март) на полноќ треба листите да ги достават до ДИК.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk