Концерт на Дуња Иванова во Куманово

23.03.2016 11:24 | KumanovoNews

 Утре со почеток во 19,30 часот, во малата сала на Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово, концерт за пијано ќе одржи пијанистката Дуња Иванова.

Концерт на Дуња Иванова во Куманово

Пијанистката Иванова (30)  магистрира на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата по пијано (2010), магистрира (2009) и докторира (2015) на Катедрата за естетика на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.


Со солистичка и камерна концертна дејност се претставува во Њујорк (САД), Париз (Франција), Сараево (БиХ), Рагуза (Италија), Приштина (Косово); на фестивалите „Скопско лето“, „Охридско лето“, Денови на македонската музика, „Музика вива“, Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“; настапува со оркестарот на Музичката младина на Македонија, во камерни состави и во рамките на балетски претстави. Особено значајни се нејзините рецитали посветени на музиката на Збигњев Прајснер, Филип Глас, Лудовико Еинауди, Арво Перт.

Дуња Иванова работи како наставник по пијано во ДМБУЦ ,,Илија Николовски Луј“- Скопје.

Автор е на книгата ,,Естетското доживување на музиката“, на публикациите ,,Мултиапликативната примена на музиката во образовниот процес кај децата“, ,,Децата и музиката во виртуелната реалност“.

Комплетната програма на настапот е посветена на култниот јапонски композитор Руичи Сакамото и неговото творештво за пијано.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk