Концерт на Муратовска и Атанасовска во Куманово

10.04.2018 07:31 | KumanovoNews

Во малата сала на Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ вечерва во 20 часот, концерт ќе одржи Марија Муратовска- Наумовска (сопран)  и Елена Атанасовска – Ивановска (пијано).

Концерт на Муратовска и Атанасовска во Куманово

 Марија Муратовска- Наумовска е позната македонска сопранистка со меѓународна кариера. На Факултетот за Музичка уметност во Скопје  работи како редовен професор на додипломските и магистерски студии по предметите соло пеење и вокална техника. Во текот на нејзината долга кариера настапувала во бројни вокално –инструментални дела со Македонската Филхармонија, Балканска Филхармонија, Оркестарот на МОБ, Нишката Филхармонија,како и камерниот оркестар при Македонското радио и други.

Добитник е на највисоката награда за интерпретација која и е доделена од Сојузот на композиторите на Македонија, како и од Сојузот на музички уметници на Македонија наградата “Златна Лира“ за животно дело.

Елена Атанасовска - Ивановска е една од најуспешните и најафирмираните пијанисти во Република Македонија, која активно учествува во музичкиот живот во земјава, но и надвор од неа. Во моментов работи како доцент по корепетиција и практика на Факултетот за музичка уметност- Скопје.

Повеќепати имала соло настапи со Македонската Филхармонија и Камерниот оркестар на Музичката Младина на Македонија. Бројни се концертите во рамките на домашните и странски реномирани фестивали. Во 2015 година имаше успешен настап во Москва, каде настапи како гостин на концертот на дувачкиот квинтет од „Балшој Театар“, а по покана од музичкото училиште „М. Балакирјев“, беше член на жири на 11-от Фестивал за Славјанска музика, во категорија пијано.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk