Костовски: Новиот тим ќе биде комбинација на искуство и младост

29.12.2017 19:58 | KumanovoNews

До 11 јануари наредната година старо-новиот претседател на СДСМ Куманово, Мартин Костовски, треба да состави тим со кој ќе ја води општинската организација во наредните 4 години.

Костовски: Новиот тим ќе биде комбинација на искуство и младост

Изборот на 18 членови во извршниот одбор и 5 во надзорниот одбор ќе го потврдат делегатите на општинската конференција која ќе се одржи во средината на јануари.

„Општинската организација на СДСМ Куманово има квалитетни луѓе и членови на кои јас како претседател сум горд, за сите овие години ми беа ветар во грб и во иднина се надевам дека ќе ги надминене сите бариери и сите различни мислење и ќе направиме партиска структура со која ќе се гордее градот“, - изјави Костовски, на првата прес-конференција по изборот.

На прашањето дали тимот кој победува нема да се менува, што значи дека на позициите ќе останат неговите први соработници кои извојуваа победи на последните два изборни циклуси, Костовски одговори:

„Еден дел од моите соработници ќе останат во тимот. Ќе се подмладиме и ќе земеме повозрасни основачи на партијата. СДСМ го покажува граѓанскиот концепт во полн смисол на зборот, имаме голем дел на наши сограѓани Албанци, кои влегоа во редовите на нашата општинска организација, потоа  Срби, Роми, така да тоа ќе биде една комбинација на искуство и младост, континуитет, меѓутоа и зајакнување на капацитетите на извршниот одбор на партијата. Мораме да се држиме и на процентот од 40 проценти од помалку застапениот пол и 30 проценти од листата на младите. Ќе се обидам да направам тим кој ќе значи кохезија во општинската организација и ќе продолжиме да чекориме успешно на локално и државно ниво“.     

Претседателот не признава дека во партијата има фракционерство, туку тврди дека се работи за различни мислења и ставови, кои се одраз на демократскиот капацитет.

„Не се согласувам со употребата на терминот фракција, бидејќи тоа значи нешто многу посериозно од партиско размислување и партиски ставови. Нормално, секогаш сме зборувале дека не сме имуни на различни ставови, а тоа е впрочем богатството на демократијата. И ова не е само декларативно изразен мој став, сакам да има различни мислења, сакам да имам спротивставени ставови. Не сакам луѓе кои само ве удираат по раме и мафтаат со глава дека сте најдобар и безгрешен. Секогаш ја прифаќам критиката, нормално ќе се обидам сите спротивставени мислења, а не фракции, да ги обединам и да направиме партиска организација која ќе го продолжи трендот на победа и успех“, - заврши Костовски.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk