☰

Котлината на Пчиња шест месеци е обвиткана во чад од пожарите на „Краста“, жителите бараат решение

25.09.2026 12:46 | Сузана Николиќ

Пожарот на депонијата „Краста“, каде што се изнесува отпадот од Куманово, повторно ги извади на површина проблемите со кои се соочуваат жителите на Пчиња, Студена Бара и околните села. 

Котлината на Пчиња шест месеци е обвиткана во чад од пожарите на „Краста“, жителите бараат решение

Тие, по којзнае кој пат, побараа општинските и државните институции да преземат мерки за решавање на проблемот, кој им го загрозува здравјето и им ги ограничува основните човекови права на чист воздух и вода.

„Котлината на селото Пчиња повеќе од шест месеци е обвиткана во отровен чад и жителите не можат да отворат прозорец во летните месеци. Овде гравитираат седум села со над 5.000 жители. Чадот се чувствува на должина од 30 километри, дури до Катланово. Ние се занимаваме со земјоделство и секој ден повеќе од 10 часа сме на нивите и го вдишуваме токсичниот чад. Загадувањето веќе го зема данокот врз здравјето, сè повеќе имаме луѓе со белодробни заболувања, а за загадената вода да не зборувам. Ако овој проблем не се реши во рок од една година, ние ќе мора да се иселиме од тука, затоа што не се издржува. Апелираме до надлежните да го сфатат сериозно проблемот и да не се извлекуваат поради нивната неодговорност. Државата треба да го слушне нашиот апел и да го реши проблемот“, вели Александар Илиевски, претседател на МЗ Пчиња.

Тој додава дека досега повеќепати одржале состаноци со претставници на Општина Куманово и Владата, при што биле договорени одредени мерки, но ништо од тоа не е реализирано, а надлежните си ја префрлаат одговорноста. Од Министерството за животна средина, еднаш излегле на терен и му наредиле на ЈП „Чистота и зеленило“ во рок од 40 дена да ја санира депонијата, но решение сè уште нема, а пожарите продолжуваат.

Чадот од депонијата „Краста“ не го загадува само воздухот во околните села, туку и во градот Куманово, но, според жителите, поддршката од градот е слаба. Во барањата на пчињани се приклучиле и жители на соседните скопски села.

„Надвор од умот е да нема никаква одговорност. Испративме официјални дописи до Владата и Министерството за животна средина. Ветија дека ќе се санира, но не се знае кога. Некој да врши геноцид врз десетина села, со отприлика 7-8.000 жители, е надвор од умот. Порака до премиерот,  да ги преземе конците во свои раце и да види што се случува во ресорното министерство. Таму е хаос. Што е најважно, остануваме без вода за пиење со децении, а сега го оставија отпадот секојдневно да чади. Како младите да останат во својата земја? Ова не оди на добро. Ако по овие 500 потписи и официјални дописи никој не мрдне со прст, значи нема одговорност. Нека ја затворат депонијата за да не нè иселат нас“, вели Раде Спасовски од месната заедница во селото Долно Коњари, скопско.

Од ЈП „Чистота и зеленило“, кое го изнесува сметот и стопанисува со депонијата „Краста“, велат дека се свесни за сериозноста на проблемот, кој е повеќедецениски, но дека не можат сами да го решат.

Оттаму велат дека во изминатите месеци го гаснат пожарот и ги преземаат сите мерки што се во нивна можност, но за долгорочно решавање на проблемот и дислокација на депонијата треба да одлучат Општината и државата.

Во понеделник е закажан состанок во Општина Куманово, на кој ќе се разговара за решавање на проблемот.

 

Advertisement

2008 - 2026 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk