Кратките рокови ги згазија независните кандидати за пратеници

06.11.2016 10:11 | KumanovoNews

Адвокатката Оливера Доцевска од Куманово, која започна постапка за собирање на потписи за независна листа пратеници во втората изборна единица  изборите на 11 декември, бара од Државната изборна комисија да го продолжи рокот за собирање на 1000 потписи.

Кратките рокови ги згазија независните кандидати за пратеници

Доцевска ја обвинува Комисијата дека им направила голема штета на независните кандидати, поради тоа што го скратила законскиот рок за пет дена, па сега високата бројка што ја предвидел законот за нив е невозможна мисија.

„Поради тоа што се работи за вонредни избори, рокот од 15 дена го скратија на 10 дена. Мислам дека е многу неправедно да се скрати законскиот рок и затоа поднесов барање за продолжување за уште 5 дена. Бараме колку толку фер рок, иако и 15 дена е премногу кратко време, заради овозможување на нормални услови, фер и рамноправност со другите листи на кандидати од политички партии“, - вели Доцевска, која претставува група избирачи и листа независни кандидати за ИЕ 2 и завчера со свои подржувачи беше пред ДИК да ги информира граѓаните каде се оставаат потписи.

Таа сеуште не добила одговор од ДИК дали ќе се прифати нејзиното барање, но се надева на позитивен одговор. Во спротивно не е оптимист на позитивен исход, бидејќи и остануваа вчера и денеска да ги собере потписите.

 „Јас не се откажувам, но ми треба огромна подршка и продолжување на рокот. Денеска во овие услови на апатија, партизираност, деморализираност, многу е тешко да се соберат 1000 потписи, што е број на жители на едно село или четвртина од мал град. Поради кратките рокови независните кандидати ретко се нафаќаат да излезат на политичката сцена. Мене првите пет дена ми ги одзедоа технички проблеми, конфузија во ДИК и подрачните единици, нееднаквост при постапувањето и средување на документите. Ми останаа уште пет дена во кои треба да собирам по 200 потписи дневно за да стигнам до потребната бројка, што е невозможна мисија„, - додава Доцевска.

За три дена Доцевска успејала да собере околу 400 потписи во Куманово, а постапката се води и во скопските општини кои спаѓаат во втората изборна единица.

Граѓаните 3 дена не можеа да ја најдат подрачната единица на ДИК во Куманово. нема обележје, па затоа лично стојам тука и ги упатувам моите пријатели и роднини каде треба да одат. За да се стигне до ДИК се поминува покрај два контејнери, фекалии, смет, паркирани возила... Таму е увидот и во избирачкиот список. Тоа за мене е непочитување на изборниот процес,- вели Доцевска.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk