Кривична пријава и за вработени во инспекциска служба

07.09.2016 12:12 | KumanovoNews

 Кривични пријави поднесени се против три лица вработени во општината Куманово, поради узурпација на државно земјиште.

Кривична пријава и за вработени во инспекциска служба

Кумановската полиција поднесе кривична пријава против В.Б.(63)-овластен градежен инспектор во општина Куманово, В.Л.(62)-раководител на Сектор за урбанизам во општина Куманово и З.Д. -градоначалник на општина Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Првопријавената постапувајќи по пријава за узурпација на државен имот при вршење на инспекцискиот надзор пропуштила должен надзор при вршење на своите овластувања. Истото го сторила на тој начин што иако забележала и знаела дека повеќе лица-сопственици на имоти на ул „Веселин Вујовски“ од Куманово имаат узурпирано државно земјиште на кое што изградиле цврсти градби не извршила надзор кај сите нив, туку само кај лицето М.А. од Куманово, за што изготвила записник и решение за отстранување на градбата само кај него, за што донела и заклучок за извршување. Исто така, за наведеното лице првопријавената поднела и кривична пријава за сторено кривично дело „узурпација на недвижност“, а на сите останати лица кои узурпирале државно земјиште им овозможила и понатаму да го користат причинувајќи штета на Р. Македонија. Второпријавената, иако била запознаена и свесна за погоренаведената состојба не презела никакви мерки за административното извршување на наведените правосилни и извршни акти со што му овозможила на лицето М.А., како и на сите други лица, и понатаму да го користат узурпираниот имот, а притоа изготвила службени исправи кои ги заверила со свој потпис и печат во кои внела невистинити податоци дека наводно до СВР Куманово поднела барање за асистенција за спроведување на правосилните акти употребувајќи ги истите како вистинити. Третопријавениот, не постапил по решението од управниот инспектор од Куманово со што бил лично задолжен да преземе мерки и дејствија и да ги изврши горенаведените правосилни и извршни акти со што му овозможил на М.А., како и останатите лица, и понатаму да го користат узурпираниот имот на штета на Р. Македонија.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk