Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Прославата на големиот јубилеј, 90 години постоење и успешна работа на Културно-уметничкото друштво „Панче Пешев“ ќе се одбележи од четврток до сабота, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.
Свеченоста ќе содржи богата програма исполнета со промоции, изложби, дефилеа, концерти и дружења на посетителите од градот и гостите од регионот.
“Ова е јубилеј достоен за почит и така треба да се прослави. Негувањето на фолклорната традиција е едно од најзначајните вредности на една нација, на еден етникум и многу битен елемент за продолжување на традицијата, обичаите и она што се вика идентитет на еден народ. Честитки за КУД „Панче Пешев„ и луѓето што го водат, бидејќи успејаа во ова тешко време на транзиција да опстојат во својата работа„ – изјави градоначалникот Зоран Дамјановски.
Покровител на манифестацијата е општина Куманово и Министерството за култура, а на програмата работеше одбор за одбележување на јубилејот.
„Овој јубилеј не е само на „Панче Пешев“, туку на овој град, бидејќи во ова културно-уметничко друштво поминале многу генерации, луѓе кои дале и оставиле белег со својата активност. За оваа манифестација сакавме граѓаните да се присетат на голем број членови на друштвото, да дојдат да се дружат и да уживаат и да ја проследат програмата што ќе ја презентираме„, - изјави Мирче Крстевски, секретар на одборот за одбележување.
Програмата започнува во четврток (20.10.) во 18 часот, со дефиле по градските улици, а во 18.30 часот ќе се отвори етно-изложба на фотографии „90 години КУД Панче Пешев„. Во 19.30 часот следува фолклорна вечер со учество на фолклорни ансамбли од Варна, Бугарија, „Шумадија“, Горњи Милановац, Битола, „Етнос“ од Скопје и „Панче Пешев“ од Куманово.
Втората вечер во 18 часот е промоција на монографијата за 90 години на јубилејот, а во 19.30 Свечена академија. Во културно-уметничкиот дел ќе настапат фолколорните ансаббли, трио Крстевски, Ивана Јовановиќ и Мартинијан Кириловски и оркестарот на народни инструменти „Панче Пешев“.
Во сабота во комплексот Грација ќе се отвори етно-клуб КУД „Панче Пешев„ и ќе бидат доделени благодарници и признанија на учесниците и гостите.
„Панче Пешев“ е најстаро друштво во државата и еднао од најстарите на Балканот.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk