Кумановци даваат подршка на сексуално образование

20.09.2013 15:16 | KumanovoNews

 На Градскиот плоштад денеска волонтери од невладината “ХЕРА“ собираа потписи за петицијата за воведување на сеопфатно сексуално образование во училиштата.

Кумановци даваат подршка на сексуално образование

Кампањата е  насловена “За последен први септември без сеопфатно сексуално образование“. Од “ХЕРА“ објаснуваат дека младите рано стануваат сексуално активни и затоа наместо од интернет портали треба да се информираат од своите наставници.

Нашето истражување насловено како “Љубов после часови“ покажа дека професорите, родителите и децата го дадоа својот глас за да се воведе ваков тип на образование. Навистина младите немаат место каде би ги адресирале сите нивни прашања за сексуалното и репродуктивно здравје. Најголем дел од времето го поминуваат во училиштата и затоа сметаме дека училиштето како образовна институција е најдобро место за да се добијат овие информации - рече Велимир Савевски, член на “ХЕРА“.

Граѓаните ја поддржаа петицијата со објаснување дека кога тие биле ученици за сексуалноста се информирале од повозрасните пријатели.

Мислам дека е потребно и младите треба да знаат како да постапат, како да се заштитат. Ние прашувавме постари другари на оваа тема. Нека се воведе во основно училиште сексуално образование - вели Игор Липковски, граѓанин.

Потпишувањето на петицијата во Куманово завршува денеска. Претходно граѓаните од Штип, Охрид и Битола се потпишуваа за воведување на сеопфатно сексуално образование, а по Куманово петицијата ќе треба да ја поддржат тетовчани и струмичани.

Петицијата на крај ќе биде доставена до Министерството за образование и наука.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk