Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановци масовно аплицираат за работа во Ирак, откако американската фирма КБР („Браун и Рут)„, започнала со регрутација на работници за американските бази.
Сите оние кои порано работеле, како и тие што досега немале можност да заминат во земјите на Блискиот Исток, сега се на списокот.
Според луѓе кои веќе се во некоја од базите во Ирак, од почетокот на годината се ангажирани само десетина куманови, главно општи работници кои работат на оспособување на базите на американската војска, кои пред две години биле напуштени и предадени на војската на Ирак.
„Главно доаѓаат кумановци кои порано работеле во базите на Ирак и Авганистан и се во контаткт со Американците кои и тогаш и сега се на високи позиции на проектот. Тие сакаат да знаат со кого си имаат работа и со какви работици располагаат, и затоа им даваат предност. Сега се бараат општи работници и возачи, но како се одвиваат работите ќе има место за сите профили и за многу луѓе, -вели нашиот соговорник.
Иако засега на малкумина имале среќа да заминат, останатите заинтересирани ги тресе ирачка треска. Сите гледаат кон Ирак како можност за добра заработувачка и убав живот. Меѓу заинтересираните има и многу жени.
„Платата е од 3.500 до 7. 000 долари, во зависност од работата. Толку земавме кога првпат доаѓавме овде пред десетина години, а потоа ја покачија плата. Но како и да е тоа е многу за нашиот стандард. Многу ме прашуваат како да дојдат тука, дури и луѓе за кои никогаш не би помислил дека би ја оставиле добрата работа со сигурна плата. Сите аплицираат, фаќаат врски и чекаат да бидат повикани“, - додава нашиот извор.
Оние кои ќе ги задоволат строгите критериуми, пред се познавањето на англискиот јазик, треба да поминат психо-физички преглед и обиката во Хјустон, Америка, а потоа ќе бидат распоредени во некоја од 7-8 бази. Апликациите за работа и ЦВ, заинтересираните ги праќаат на официјалната маил адресата на КБР, која е најголема и најсериозна фирма за логистичка подршка на американската војска.
Многумина станаа домаќини, но се распаднаа и многу бракови
Над 5000 кумановци повеќе од 10 години работеа во базите на американската војска во Ирак, Авганистан, Кувајт и Џибути. Иако точната бројка никогаш не се утврди, Куманово живееше и се развиваше со нивните пари. Се изградија многу станбени згради и куќи, а печалбарите не штедеа пари ни за луксузни автомобили, деловни простории и станови во Скопје. Многумина станаа домаќини, но се распаднаа и голем број на бракови во градот.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk