Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со грејана ракија, оро и песна, денеска напладне коледарите го прославија Бадник. Прославата започна утринава во црквата „Свети Никола“, каде што годинашниве кумови на здружението „Коледари„ го примија кумството, а беше осветена погачата и бадниковите гранчиња.
Манифестацијата продолжи пред Центарот за култура каде се делеа гранчиња, чај и греана ракија. Кумата Розина Стојковска ја подели бадниковата погача и овошје, и им го честиташе празникот на сите православни христијани.
Многу сум среќна и горда што денеска сум кума. Би сакала секој православен христијанин да го доживее ова чувство. Утринава кога видов дека врне, си реков дека навистина ќе се исполни мојата желба, годината да биде плодна и бериќетна. Старите велат дека ако на Бадник паѓа дожд цела година ќе биде врнежлива, а ако паѓа снег ќе има вода. Вечерва сакам во секој христијански дом, паричката да се падне на најмалите, и тие да ја носат среќата и здравјето во семејството, бидејќи тие се нашата иднина - вели докторка Стојановска.
Студеното време и дождот не дозволија прославата да биде масовна како предходните години. Тоа не го расипа расположението на кумовите и организаторите, и на оние кои се верни на традицијата. Најупорните граѓани не пропуштија да уживаат во старите обичаи и да наздрават за најголемиот христијански празник.
Традицијата продолжува, но оваа година за првпат претставник на коледарите е дама, односно кума. Многу луѓе прашуваа зошто сме ја прекршиле досегашната традиција и сме избрале жена- претставник на годинешнава манифестација. Сакам само да повторам дека и жените се чувари на традицијата и семејството, но истотака и се многу успешни во сите професии. Денешното време покажа дека сме го направиле вистинскиот избор, бидејќи по толку чекање денеска падна дожд и снег, а тоа значи дека годината ќе биде берикетна. Многу здравје и верба во себе им посакувам на сите граѓани со голем коледарски поздрав- изјави Мирослав Доневски, претседател на здружението „Коледари„.
Бадникови огнови се палеа во неселбите Карпош, кај Монопол и во селото Лопате, каде присуствуваше градоначалникот Зоран Дамјановски.
Јас како член на Коледари секоја година присуствувам на оваа манифестација и ја подржувам традиција. Eден убав обичај да се собереме и да си посакаме здравје, среќа и просперитет во годината што е пред нас“ - рече Дамјановски.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk