Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Граѓани од сите возрасти, деца, спортисти и политичари, денеска се приклучија на хуманитарната трка под мотото „Трчај/Оди за живот“, која ја организираше Советот на Општина Куманово за помош на двете девојчиња Теодосија и Ана, кои се на лекување во Турција.
Трката започна од Градскиот кеј и се одвиваше по булеварот „Октомвриска револуција“, а учесниците пред да добијат бројче донираа средства во поставените кутии.
„Многу е лесно да се радуваме сами, но на „мака се познаваат јунаците“. За една ваква страшна работа што се случува на семејствата покажуваме сплотеност и докажуваме дека треба да дадеме помош и поддршка. Многу ми е мило што многу луѓе се одѕваа на повикот за хуманитарна трка. Како за прв ваков настан јас сум задоволна од одѕивот и соработката со сите советници. Мене ми беше најважно а тоа и го покажавме, сплотеност на советниците за да се направи една ваква акција за две наши сограѓанки“, изјави Ивана Ѓорѓиевска, претседателка на Советот.
Таа вели дека на трката учествувале околу 500 кумановци, но акцијата ќе продожи и во кафе-баровите. Сите собрани средства ќе бидат уплатени на сметките на родителите на Ана и Теодосија.
Во организација на акцијата се вклучиле и членовите на Хуманитарното здружение „Да шириме љубов“, кои донеле кутии за собирање на финансиската помош. Волонтерите од здружението и во текот на денот ќе бидат на терен по кафиќите.
„Апелирам да се приклучат што повеќе луѓе, имаме поставено кутии во кафе баровите, пекарници, маркети и други малопордажни објекти, за да сме на дофат на граѓаните. Сите прибрани средства равномерно ќе одат за овие две дечиња Ана и Теодосија. Досега веќе има собрано 11 илјади денари, од наредната недела повторно ќе прибираме“, изјави Маре Бојковска од Здружението „Да шириме љубов“.
Таа додаде дека има и други инцијативи од кумановци и неколку приватни фирми, кои редовно излегуваат во пресрет за помош и донации.
Финасиски средства за подготовка на трката се обезбедени од Советот на Општина Куманово.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk