Кумановци вознемирени од синоќешната експлозија

10.12.2014 15:56 | KumanovoNews

Синоќешната експлозија во Куманово ги вознемири граѓаните, кои живеат во близина на Полициската станица.

Кумановци вознемирени од синоќешната експлозија

Жителите на улиците “Братство единство„ и „Тодор Велков“ велат дека детонацијата била многу силна и внела голема паника меѓу нив.

Страшно беше. Прво се слушна многу јак звук, а потоа почнаа да се тресат вратите, прозорците.. Мислевме куќата ќе падне. Тоа беше ужас. Сите комшии, целото маало излеговме надвор. Веднаш дојде полиција, пожарна, брза помош...Подоцна дознавме дека е фрлена бомба, полицијата ноќеска собираше парчиња од експлозивот „ - вели вознемирено Зоран С.

 Експлозијата се слушнала во 20.35 часот, па нашите соговорници велат дека е среќа што никој не настрадал.

„Среќа што никој не е повреден. Тука има и основно училиште и многу куќи, згради. Можело било кој од нас да се враќал од работа или чаршија, и да настрада. Ова не води на добро, не му требаат вакви работи на нашиот град, -вели друг наш соговорник.

Експлозивната направа била поставена до бетонска шахта на самата улица во близина на основното училиште “11 Октомври“. При тоа е оштетено едно возило, а повредени нема. Полицијата изврши увид и работи на пронаоѓање на сторителите.

Ова не е првпат на истото место, од задната страна на полициската станица во Куманово да се подметнува експлозив. Истото се случи и пред конфликтот во 2001 година. По тој инцидент беше поставено полициско обезбедување и стражарска куќичка зад зградата, но пред неколку години полицајците се повлекоа а куќичката остана празна.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk