Кумановци загрижени за безбедносната состојба во градот

09.05.2015 08:28 | KumanovoNews

 Кумановци се загрижени за безбедносната состојба, по  пукотниците и големата полициска акција за разбивање на вооружена група во населбата Тоде Мендол.

Кумановци загрижени за безбедносната состојба во градот

Зелениот пазар, дел од продавниците, институциите и банките денеска не работат. Полициски и амбулантни  возила стојат на крстосниците кои водат кон населбата Тоде Мендол. Голем  број граѓани се собрани во близина на пазарот и набљудуваат што се случува. Кумановци се загрижени и се плашат дека пукотниците можат да прераснат во поголеми немири и војна.

“Држам тезга на пазар и утрово ни кажаа полицајците дека пазарот не е обезбеден и не смееме да влеземе. И за утре не се знае дали ќе работи. Сите се вративме, и пренесовме на другите пазарџии да не доаѓаат“ - вели граѓанин.

И останатите коментираат дека овие случувања не носат добро.

“Нормално дека сум загрижен ова не е свадба, туку се пука од утрово. Има некоја група таму, никој не кажува кои се и што се. Нека си работи полиција и војска своја работа, а ние нашата и тоа е“ - додава друг граѓанин.

Граѓаните кои имаат роднини во делот каде има престрелки, се загрижени за своите најблиски.

“Имам ќерка која живее кај Чик. Наместо да и се јавувам по телефон, одам пеш да видам како се и што се случува. Слушнавме дека има и повредени во акцијата“ - вели кумановец.

Неофицијално во акцијата во Тоде Мендол се повредени неколку полицајци и истите се пренесени во Скопје. Пукотници во градот се слушаат од 5 часот утрово.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk