Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Педесетгодишна жена од Куманово останала без 9.000 евра, откако 32-годишен кавадарчанец ѝ ветил дека ќе ѝ помогне да добие странски пасош.
Според пријавата, осомничениот првично ѝ побарал 400 евра за да посредува при добивање на исправата. Потоа продолжил да бара дополнителни суми, па за краток период таа му дала вкупно 9.000 евра. И покрај тоа, тој не престанал да бара уште пари, по што таа случајот го пријавила во полиција.
При преземените оперативни мерки, кај него биле пронајдени 2.000 евра што претходно ги зел од оштетената. Парите биле криминалистичко-технички обработени од полициски службеници од ОВР Кавадарци.
Според информациите од МВР, М.Д. (32) бил приведен вчера на Градскиот плоштад во Кавадарци, во заедничка акција на полициски службеници од ОВР Кавадарци и СВР Куманово.
Осомничениот бил задржан во полициска станица, а потоа изведен пред јавен обвинител, каде што го признал делото.
По целосното документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава за кривичното дело „измама“ по член 247, став 1 од Кривичниот законик.
2008 - 2026 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk