Кумановка се загадува со фекален и хемиски отпад, инспекциите не реагираат, велат од Левица

10.04.2025 10:20 | Оливера Пешевска

Две недели во реката Кумановка, кај мостот во Проевце, се излева канализациски и хемиски отпад преку див испуст, а иституциите задолжени за заштита на животната средина не реагираат, велат од партијата Левица.

Кумановка се загадува со фекален и хемиски отпад, инспекциите не реагираат, велат од Левица

„Скандалозно е што Државниот инспекторат за животна средина и Инспекторатот за водостопанство, досега не излегоа ниту со официјална информација, ниту најавија мерки – и покрај тоа што јавноста со слики и снимки алармираше за загадувањето. Иако постојат ангажирани инспектори и служби со конкретни надлежности, очигледно е дека тие или не се појавиле на терен, или намерно замижале пред проблемот. Ваквото непостапување отвора сериозни сомнежи за институционална немарност, па дури и за соучесништво со загадувачите. Наместо да бидат сервис на граѓаните и чувари на природните ресурси, инспекторатите стануваат симбол на институционален распад и партизација“, велат од партијата.

Од Левица прашуваат зошто молчи Министерството за животна средина и дали некој ги штити тие што загадуваат.

„Излеговме на терен по пријава на граѓани, кои ни објаснија дека загадувањето се случувало неколку последователни денови. Забележан е истек на некоја материја од која водата станува црвена, и тоа периодично во текот на денот“, изјави Андреј Куцуловски, координатор на Зелениот сектор на Левица.

Од партијата бараат итно да се утврди одговорност за загадувањето, да се покренат дисциплински и кривични постапки против сите кои не постапиле согласно своите овластувања, како и транспарентен извештај за причинетата еколошка штета.

„Овој молк не смее да помине неказнето. Загадената река ќе го наруши здравјето на граѓаните. Доста беше заштита за загадувачите, време е за одговорност“, порачуваат од Левица.

(Фото: Левица)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk