Кумановки против Законот за абортус

31.05.2013 08:49 | KumanovoNews

 Невладините организации, гинеколозите и граѓаните на Куманово се едногласни и сметаат дека со новиот предлог - закон за абортус се ускратува правото на жените сами да одлучуваат дали ќе раѓаат или не.

Кумановки против Законот за абортус

Предлог - законот не е во ред. Жената треба сама да реши кога и како ќе формира семејство. Владата сака да го зголеми наталитетот. Во овие економски услови секој сам треба да си одлучи за семејството. Комисии ќе одлучуваат само ако плодот не е во ред, ако е загрозено здравјето на мајката, инаку нема да се дозволи абортус ако се е во ред - вели Нефаил Куртиши, гинеколог.

Правото на избор на жената дали ќе раѓа или абортира го подржуваат и  локалните женски невладини организации.

Ние се приклучуваме кон иницијативата на националната мрежа против предлог - законот. Секоја жена е сопственик на своето тело. Јас мислам дека законот и да се донесе нема да се применува. Ние во Македонија донесуваме многу закони, а потоа ни е тешко да ги спроведеме - изјави Виолета Петровска, претседател на организација на жени “Кумановка“.

Кумановки сметаат дека доколку се донесе законот, ќе се постигне контра ефект, бидејќи абортусите ќе се вршат на диво и во несоодветни услови и со тоа ќе се загрози здравјето на жените.

 Ако го донесат законот ќе се вршат абортуси во шупи, подруми и гаражи од надри лекари. Како што некогаш тоа го правеле самонаречени бабици по селата, па жените умирале. Само ќе направат полошо наместо да ја заштитат жената- вели една повозрасна кумановка.

Ги ограничуваат жените и тоа не е во ред. Ако сака да го роди детето добро, ама ако нема услови, ако одлучи да абортира треба да и се дозволи. Не го поддржувам предлог - законот - рече Светлана Петрушевска, граѓанин.

Бидејќи министерот за здравство Никола Тодоров инсистира предлог - законот да се донесе по брза постапка, од невладините се сомневаат дека новите законски регулативи ќе значат поголема грижа за здравјето на жената.

Според предлог - законот дозволено е жената само еднаш годишно по своја волја да абортира до 10 - та недела. За прекин на бременоста по овој рок и досега решаваа комисии, но сега на жената и се дава рок од три дена да размисли и да собере документација. Првостепената комисија треба да се произнесе за три, а второстепената за седум дена. За абортусот мора да биде информиран сопругот, а гинекологот доколку не ја предупреди жената за негативните последици ќе треба да плати од 2500 до 3000 евра.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk