Куманово ќе добие над 1.9 милиони евра за изградба и реконструкција на локални патишта

02.03.2020 13:57 | KumanovoNews

 Општина Куманово ќе добие 1 милион и  950 илјади евра од Светка банка за финансирање на општински проекти за следните четири години.

Куманово ќе добие над 1.9 милиони евра за изградба и реконструкција на локални патишта

За проектот насловен како „Македонија без кал“ денеска во Владата, градоначалникот Максим Димитриевски потпиша Меморандум за соработка со Министерството за транспорт и врски.

- Општина Куманово аплицира за изградба на локални патишта за поврзување на селата и населените места: Косматац-Мургаш- Новосељане, Добрашане-Шупљи Камен и Амбар маало. Целта на овој проект е подобрување на локалната патна мрежа во урбани и рурални средини, преку изградба и санација на патиштата и улиците во општините на државата. Согласно потпишаниот Меморандум за разбирање помеѓу ОпштинаКуманово и Министерството за транспорт и врски, за општината се обезбедени финансиски средства во износ од 1.950 000 евра, наменети за финансирање на општински проекти за период 2020-2024 година. Во периодот од аплицирањето на наведените проекти па до добивањето позитивно мислење од страна на Министерството за транспорт и врски, Општина Куманово има обврска да ја реши експропријацијата на трасите на патиштата, кои се составен дел на проектот, - информираат од Општина Куманово.

Вкупниот износ на проектот изнесува 70 милиони евра кредит од Светска банка, а ќе се реконструираат улици во сите 80 општини во државата и Град Скопје.

Предвидено е да се санираат локални патишта и улици во должина од 450 километри. Општините со готови проекти ќе треба да аплицираат во Министерството за транспорт и врски кое потоа ќе го распише тендерот за избор на изведувач на градежните работи. Висината на средствата е различна за секоја општина, а се утврдува според бројот на население и на населени места, површината и регистрираните моторни возила. На располагање за општините се од 500 илјади до два милиона евра.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk