Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градоначалниците на општините Куманово и Марибор, денеска потпишаа меморандум за соработка.
Со тоа двата града ја официјализираа соработката која трае 4 години, а во иднина таа ќе се интензивира на заеднички проекти и размена на искуства.
“Треба да се најдеме во соработката, она што е позитивно да го земеме од нив, а она што можеме да го пружиме како поддршка на град Марибор. Нека ни е вечна и долговечна нашата соработка, пријателство, на граѓаните на Марибор и Куманово и на нас како лидери. Да покажеме дека ќе направиме се да биде добро за Куманово и Марибор, за Република Словенија и Република Македонија“ - изјави Зоран Дамјановски, градоначалник на општина Куманово.
Марибор и Куманово се со мултиетнички состав. И двата се втори по големина градови во своите земји и локалните самоуправи функционираат со приближно ист број на вработени.
Марибор за 7 години искористил 45 милиони евра од европските фондови, но градоначалникот вели дека без европски и државни пари градот не може да се развива.
“Марибор има свои проблеми и затоа се отвараме кон светот, бараме нови инвеститори, од Кина до Блискиот Исток и Америка и на тој пат дојдовме и во Куманово. Сигурно ќе пронајдеме нешто што е во заеднички интерес, затоа што немаме време да работиме дипломатски протоколарен туризам. Во интерес ни е да се зафатиме со заедничка работа, тоа е добра основа за пријателство“ - вели Андреј Фиштравец, градоначалник на Марибор.
Јавното претпријатије “Водовод“ ќе соработува со нивниот “Водовод“, кој мината година е прогласен за најдобро претпријатие во Словенија,со највисока наплата на водата.
“Имајќи во предвид дека водоводот во Марибор е пуштен во 1901 година, Марибор е многу пред нас, посебно на планот на технолошки иновации и на план на пристапни фондови, тогаш ќе има многу да учиме од нив“ - кажа Горан Стојковски, директор на “Водовод“.
На потпишувањето на меморандумот за соработка присуствуваше словенечката амбасадорка, Мира Лесјак, секретарот на општина Куманово, Валентина Алексовска, претседателот на Советот на општина Куманово, Максим Димитријевски и Горан Митевски од сектроот за меѓународна соработка и евроинтеграции при општина Куманово.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk