Ново возило со пумпа за гасење пожари доби Куманово

30.09.2022 16:46 | Сузана Николиќ

Куманово и уште 13 општини добија нови возила со пумпи за гасење на пожар од Дирекцијата за заштита и спасување, во вкупна вредност од 42,5 милиони денари. 

Ново возило со пумпа за гасење пожари доби Куманово

Нови возила се доделени на Град Скопје, како и општините Куманово, Битола, Тетово, Прилеп, Велес, Кавадарци, Гевгелија, Струмица, Кичево, Охрид, Кочани, Штип и Гостивар, а ќе ги користат противпожарните служби. 

Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека една од примарните задачи е да се создаде квалитетен и ефикасен систем за цивилна заштита, кој ќе опфати превенција, делување и санирање на последиците од природните непогоди и другите несреќи, со единствена цел, заштита на животот, здравјето, имотот на населението, како и националната економија.

„Во современото време, зголемениот број на секојдневни непредвидени ситуации, несреќи од различен вид и природни и вештачки катастрофи, како и техничката сложеност за нивно отстранување, нѐ научија дека е потребно да создадеме и да развиваме заеднички и комплексен пристап на сите институции со цел донесување на брзи и ефикасни решенија“, изјави Ковачевски.

Премиерот рече дека вложувањето во вакви ресурси е важно за заштита на безбедноста на граѓаните, но и на природното богатство и материјалните добра.

„Изразувам голема благодарност до нашите херои-пожарникарите, но и до медицинските лица и припадниците на Црвениот крст, но и граѓаните, кои доброволно се вклучуваат во пружањето помош за намалување на последиците од какви било несреќи“, рече Ковачевски.

На предавањето на возилата беа одржани показни вежби за активностите за помош и поддршка од доброволни противпожарни друштва, компании и Црвениот крст.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk