Куманово два дена меѓу најзагадените градови, се препорачува да се седи дома или да се користи јавен превоз

05.01.2022 12:46 | Сузана Николиќ

Во последните два дена Куманово по загаденоста на воздухот е веднаш зад скопско Лисиче. Мерењата на квалитетот на воздухот покажале дека се надминати граничните вредности и концентрацијата на ПМ10 честичките на 3 јануари изнесувала 136.96 микрометри, а вчера 142.44 мг/м3. 

Куманово два дена меѓу најзагадените градови, се препорачува да се седи дома или да се користи јавен превоз

„Согласно Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели во која е дефиниран прагот на информирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 100 мг/м3 во текот на два последователни денови) и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, Ве информираме дека истиот е надминат на мерните места во Скопје – Центар, Карпош, Лисиче и Ректорат и Куманово“, соопштуваат од Одделението за мониторинг за квалитетот на воздух при Министерството за животна средина.

 

Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје препорачуваат ограничени движења и активности на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хоронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот.

Во случај на надминување на прагот на суспендирани честички со големина до 10 микрометри PM10 2 последователни дена со среднодневни концентрации над 100 мг/м3, Министeрството за животна средина препорачува:

- Да се користи јавниот превоз
- Возила да не се користат без поголема потреба
- Повеќе лица да се возат со едно возило во исто време
- Да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал
- Правилно да се користат печките за дрва.

Поради големата загаденост на Скопје, Градот минатата недела воведе неколкудневен бесплатен градски превоз за сите граѓани, за да се намали загаденоста.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk