Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Куманово денеска прославува 77 години од ослободувањето и остварувањето на вековниот стремеж за самостоен и демократски развој на градот и државата.
На 11 ноември 1944 година, борците од Народноослободителната борба (НОБ) го победиле фашистичкиот окупатор, а граѓаните ја дочекале слободата на својот град.
Акциите започнале на први ноември, со учество на две бригади од составот на Кумановската дивизија и батаљонот на народната одбрана. Десет дена тешки и жестоки борби се воделе околу градот, особено на неговите приоди, по што на 11 ноември конечно била извојувана победа. Народот го прославил ослободувањето наредниот дена со голем митинг на градскиот плоштад.
Во четиригодишната крвава борба против моќниот фашистички непријател, учествувале над 2000 борци од кумановскиот регион, од кои 455 загинале по разни боишта низ целата земја. Куманово, градот првоборец даде и осум народни херои: Киро Фетак, Перо Чичо, Боро Менков, Бајрам Шабани, Боро Петрушевски Папучар, Христијан Тодоровски Карпош, Мара Нацева и Трајко Стојковски -Бузо.
По ослободувањето, Куманово забрзано ја испишува историјата на својот растеж. Градот се развива во регионален и значен стопански, културен и спортски центар на Балканот. Интензивно се гради и модернизира патната и железничката инфраструктура, станува центар на металната, кожарската, текстилната и дрвната индустрија.
И од осамостојувањето на Македонија, Куманово го оди својот пат за создавање на современ град. По несреќниот процес на транзиција и конфликтот од 2001 година, градот повторно застанува на нозе. Се градат нови објекти, сообраќајници и спортски терени кои му даваат сосема нов лик, а се создаваат и подобри услови за современиот начин на живеење.
Во Куманово живеат над 100 илјади жители од македонска, албанска, српска, ромска, турска и други националности.
Позитивниот дух на кумановци и мајтапот на Батко Ѓорѓија е единствен и препознатлив насекаде.
Празникот денеска се одбележува со низа манифестации, со посета на Спомен костурницата на паднатите борци од НОБ, а ќе се одржи и Свечена академија.
Изминатите десет дена Општина Куманово организираше богата култура програма за одбележување на Денот на општината - 11 Ноември.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk