Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски и секретарот на Општината Валентина Алексовска, присуствуваа на одбележување на Денот на Бања Лука.
Шеесет и девет годишнината од ослободувањето на градот беше прославена со низа културни и спортски манифестации, како и свечена академија на која беа доделени награди и признанија на поединци и фирми за достигнувања во годината. Куманово и Бања Лука соработуваат со години, а делегацијата од македонскиот пријателски град ги пренесе честитките на граѓаните во престолнината на Република Српска.
Голема чест и задоволство ми е што денеска сум тука да го прославиме празникот на Бања Лука. Нашето пријателство започна пред пет години, кога како градови на Балсинет, претставници од најголемите општини во бившите југословенски републики и на Балканот, потпишавме меморандум за соработка. Нашата врска постојано зајакнува и имаме одлична соработка на полето на културата, на неколку проекти на Тамбурашкиот фестивал, а наскоро очекуваме соработка и во образованието, спортот и во стопанството. Граѓаните на Куманово и Бања Лука се со сличен манталитет, секогаш со отворено срце за сите луѓе независно од нивната припадност- рече градоначалникот Дамјановски, во своето обраќање на приемот организиран за гостите од соседните земји.
Градоначалникот на Бања Лука Слободан Гаврановиќ, се заблагодари за подршката на неговиот колега Дамјановски и најави поинтензивна соработка со кумановската локална самоуправа.
Со Куманово негуваме силни пријателски односи. Ќе дадеме силна подршка и за економска соработка на нашите стопанствениците кои ќе најдат заеднички интерес. Јас наскоро ќе дојдам во Куманово за да направиме една средба и да размениме искуства за некои важни прашања на локалните заедници. Ние имаме заеднички корени, имавме заедничка држава во која живееме. Отука произлегуваат сличностите во менталитетот, културата, духовноста и историјата- изјави градоначалникот Гаврановиќ за Кумановоњус.
Покрај делегацијата од општина Куманово на прославата присуствуваа и гости од Ново Место, Пула, Крањ, Нови Сад, Косовска Митровица, Белград...
Бања Лука има околу 200 000 жители и е втор град по големина во Босна и Херцеговина, административен и регионален центар во Република Српска. Градот пред еден месец добил меѓународно-туристичко признание за најсрдечен град во Југоисточна Европа.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk