Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Куманово е една од петте општини во земјава, која има мобилен тим за идентификација на ранливи категории граѓани и жртви на трговија со луѓе.
„Воспоставивме 5 мобилни тимови во Скопје, Битола, Куманово, Гевгелија и Тетово за идентификација на ранливи категории граѓани вклучително и жртви на трговија со луѓе. Во составот на мобилните тимови има претставници на Центрите за социјална работа, претставници на МВР националната единица за борба против трговија со луѓе и здруженија на граѓани. Овие тимови во текот на нивната работа постигнаа извонредни резултати и се познати како добар пример, не само во нашата држава туку и во регионот“, кажа министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на регионалната конференција: „Успешни заедно! Регионални увиди и пристапи за спречување и борба против трговијата со луѓе“ организирана во рамките на проектот на Германско друштво за интернационална соработка „Спречување и борба против трговијата со луѓе во Западен Балкан“.
Минатата година во земјава се идентификувани 9 жртви на трговија со луѓе, од кои 8 женски и 1 машко на возраст од 14 до 17 години. Министерката информираше дека во 2023 година, три девојчиња биле цел на сексуална експлоатација.
Тренчевска вели дека државата посветено работи на развивање и подобрување на националните политики за превенција и подигање на јавната свест за појавата на трговијата со луѓе.
„Трговијата со луѓе претставува сериозна повреда на човековите права и претставува закана за слободата и безбедноста на секое општество. Нашата држава како и земјите во регионот често играат улога во секоја од фазите на трговија со луѓе - како земја на потекло, транзит или дестинација. Би сакала да ги изразам искрените поздрави до земјите од регионот - да ја истакнам потребата од заедничка, обединета акција против трговијата со луѓе, која е транснационален организиран криминал“ рече Тренчевска.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk