Куманово ќе биде нов регионален центар на Балканот, кажа кандидатот за градоначалник Максим Димитриевски

29.09.2025 15:57 | KumanovoNews

 Кандидатот за градоначалник на Куманово од Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, денеска од Градскиот плоштад ја започна кампањата за Локалните избори.

Куманово ќе биде нов регионален центар на Балканот, кажа кандидатот за градоначалник Максим Димитриевски

На прес конференција, заедно со кандидатите за советници,  кажа дека на Куманово му треба континуитет, и побара поддршка од граѓаните за трет мандат.

„Куманово заслужува да биде нов регионален центар на Балканот, во кој покрај локалната ќе се развива и регионалната економија. Ќе се зголемуваат работните места во градот. Ќе имаме домашни, но и странски инвестиции. Куманово мора да биде движечка економска сила.  Постојат такви можности и потенцијали и веќе се работи на тоа.  Потврдени се голем број на инвестиции, тргнувајќи од ЛИДЛ, која е над 108 милиони евра, дополнително други компании како Армос плус, Дрекслемаер и домашни компании коишто реинвестираат во нашиот град. Нашата цел е да ја зголемиме економската моќ на граѓаните, за да што повеќе млади луѓе останат  да работата и создаваат во Куманово. И секако, во престојната кампања и во следниот мандат, ги повикувам граѓаните на Куманово да ми го доверат, ќе  дадеме поголема можност на младите луѓе за директно учество во носењето на одлуки за иднината на нашиот град“, кажа Димитриевски.

Тој додаде дека пред граѓаните ќе излезат со реално остварлива програма, и за разлика од останатите ќе покажат што точно работеле во минатите 8 години.

„ЗНАМ има реализирано над осумстотини проекти во изминатите осум години, многу изградени улици, фекална и атмосферска канализација, водоводни мрежи, бекатонирање во село и град, капитални проекти, поголем број на училишни спортски сали, над 19 спортски игралишта, реконструкција во половина од основните и средните училишта коишто не беа чепнати со децении. Особено сме горди на бесплатниот автобуски превоз, кој е субвенциониран и достапен до сите граѓани, по што сме единствени во Македонија,  изјави Димитриевски.

Тој најави дека ЗНАМ ќе одржи конвенција на Градскиот плоштад во Куманово во среда 20 часот кога ќе ја претстави листата на советници и програмата, при што ги повика граѓаните да ги проследат. 

Димитриевски за градоначалник  и листата советници предводена од Ивана Ѓорѓиевска се на гласачките ливчиња под реден број 2.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk