Куманово прослави 73 години од ослободувањето

11.11.2017 21:24 | KumanovoNews

Со свечена седница на Советот на Општина Куманово, денеска заврши неколкудневната програма по повод Денот на ослободувањето на Куманово-11 Ноември.

Куманово прослави 73 години од ослободувањето

Градоначалникот Максим Димитриевски во своето обраќање испрати порака за заедништвото и единство меѓу граѓаните, како што тоа го правеле учесниците во НОБ, кои ги дадоа животите за денешната слобода.

“ И покрај сите предизвици Куманово продолжи да се развива и гради во еден модерен и урбан центар, да му пркоси на тешките социо-економски состојби во државата, со заложби да гради просперитетна иднина на сите наши граѓани. Денеска Куманово празнува и затоа сакам да испратам порака до сите вас, како што денеска го одбележавме празникот во духот на Карев, Гоце, Питу, Карпош и Шабани, да продолжиме понатаму да го градиме нашето заедничко Куманово и заедничка Република Македонија“,- рече Димитриевски.

Претседателката на Советот, Атина Мургашанска, истакна дека новиот Совет на Општина Куманово, ќе ги почитува принципите на еднаквост и заедништво и ќе го гради концептот на ефикасна локална самоуправа.

„Само заедно можеме се! Да ги победиме сите предизвици и да оставиме здраво општество за идните генерации. Да бидеме светол пример на нашите деца како се почитуваат различностите и како се негуваат заедничките вредности. Богатството и големината на луѓето е колку ќе сподели со другиот, а не колку ќе задржи само за себе. Советот на општината Куманово ја препозна потребата да се биде разбран, еднаков и почитуван. Единствени во државата, а можеби и во регионот, од говорницата на локалниот парламент, денес на мајчиниот јазик зборуваат советниците Албанци, Срби и Роми“, - рече Мургашанска.

Пред гостите обраќање имаа советниците Адељина Адеми, Томица Илиќ и Самет Салиевски.

На свеченоста беа доделени награди од градоначалникот на: Лујза Винтон од УНДП, Вентон Љатифи професор на Југоисточен универзитет и Драган Стојмановски претседател на Здружение на ветерани.

Гостите можеа да видат и видео презентација со резултатите од изминатата година, а настапи и градскиот хор.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk