Куманово со машко бебе ја започна Новата 2024 година

01.01.2024 14:22 | Оливера Пешевска

Во Општа болница Куманово, ноќеска во 3.30 часот се роди првото бебе во новата 2024 година.  Ова е второ бебе на 25 -годишната Назлије Јусуфова, машко, тешко 2,580 грама и долго 49 сантиметри.

Куманово со машко бебе ја започна Новата 2024 година

Денеска родилката и бебето ги посетија претставници од локалната самоуправа и раководството на болницата.

„Во честиките кои ги упатив на мајката посакав да биде здраво, среќно и весело дете,  да порасне во одговорна личност која ќе придонесува за  развојот на нашиот град. Посакувам наталитетот да се зголемува. На Куманово му требаат жители, ова е голема општина и има место за сите“,  истакна Ивана Ѓорѓиевска, претседателка на советот.

На првиот ден од годината на акушерското одделение е родено само едно бебе, но има уште три родилки и во текот на денот се очекуваат уште неколку бебиња.

  „Според статистичките податоци со кои располагаме, споредбено со 2008 година,  сега имаме речиси дупло помалку раѓања и моја лична желба е таа бројка да се зголеми и да имаме што поголем број на новородени. Менаџерскиот тим на болницата, за првпат обезбеди и подарок за мајката, покрај оној за новороденото, затоа што сметаме дека мајката има многу важна улога во целокупниот процес на бременост, раѓање и чување на децата. Ја користам ова прилика на сите граѓани на Општина Куманово и околните пет општини да им ја честитам новата година, со искрени желби за многу поголеми успеси на личен и професионален план, и најмногу од се - многу здравје“, потенцираше директорката Биљана Ивановска.

Минатата 2023 година се регистрирани 776 породувања, од кои последното е дента на 31 јануари, во пладневните часови, информираше дежурниот лекар д-р Софија Трајковиќ.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk