Кумановоњуз - 14 години професионално информирање

28.04.2022 09:04 | KumanovoNews

Кумановоњуз цели 14 години успешно ја гради довербата кај својата публика и во континуитет настојува да понуди нови атрактивни содржини од јавен интерес. Во фокусот секогаш ги ставаме нашите граѓани и нивните проблеми и предизвици со кои се соочуваат, бараме одговори од надлежните институции и градиме локална заедница со нашите читатели.

Кумановоњуз - 14 години професионално информирање

За овие 14 години никогаш не подлегнавме на притисоците со кои се соочувавме, туку едноставно се боревме за вистината и баравме одговорност, стоевме зад секој напишан збор. Доколку и имавме некоја ненамерна грешка или пропуст, секогаш го прифаќавме укажувањето од нашите читатели и задоволни сме што имаме публика на која може да се потпреме и да и веруваме. Гордо го носиме епитетот најкоментиран медиум. 

Денес, кога медиумската сфера се соочува со големи промени, се обидуваме да бидеме во чекор со новото дигитално време и да им понудиме на читателите модерни содржини и брз пистап до информациите. Затоа, на Кумановоњуз можете да ја следите информациската сцена од Североисточниот регион, но и видео прилози за интересни настани и успешни личности.

Како медиум кој секогаш бил одговорен пред своите читатели и транспарентен за својата работа, но и отворен за критиките од јавноста, се охрабривме и да го испитаме вашето задоволство од нашата продукција, но и да добиеме насоки од вас што би сакале да читате на Кумановоњуз. Во анкетата добивме вкупно 117 одговори, дури 83% од испитаниците се задоволни или делумно задоволни од содржините на Кумановоњуз, 57,3% сметаат дека е професионален медиум, додека на 75% од читателите им се допаѓа што продукцијата е збогатена со вести од целиот регион и со видео прилози. Читателите сакаат повеќе дневни вести, репортажи, анализи, информации за младите и маргинализирани групи итн, на што ќе се потрудиме повеќе да се насочиме. Околу 37% од анкетираните би го поддржале медиумот со донации, но речиси исто толку одговориле дека немаат можности за тоа.

Во време во кое сме соочени со огромен наплив на дезинформации, наша задача е да дадеме објективна слика за општествените случувања, врз основа на која вие самите ќе можете да изградите критички став и сопствено мислење.

Кумановоњуз останува на вистинската страна, а тоа е страната на граѓаните. Нашето оружје е вистината!

Ви благодариме на поддршката!!!

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk