Кумановската болница ќе купи нови апарати вредни 100.000 евра

23.02.2019 09:22 | KumanovoNews

Општата болница Куманово до крајот на годината планира да потроши над 100.000 евра сопствени средства за набавка на најнеопходните апарати за нормално функционирање на одделенијата.

Кумановската болница ќе купи нови апарати вредни 100.000 евра

Во тек е јавна постапка за набавка на најскапиот апарат, современ стерилизатор, кој чини близу 80.000 евра.

„Стерилизаторот е по сите најсовремени стандарди, со најголем капацитет од 475 литри. Ќе служи за стерилизација на болнички инструменти и алишта, како и на пластични делови на инструменти. Ќе биде користен главно од хируршките гранки, акушерскиот оддел и другите оддели што имаат потреба од стерилизација. Ова е капитална инвестиција, што моравме да ја извршиме, бидејќи постојните што ги имаме на хирургија и на другите оддделенија се толку многу стари што веќе не постои ни сервис за нив. Ги поправавме безброј пати, меѓутоа ако сакаме да работиме по сите стандарди, не смееме да си дозволиме вакви импровизации“, изјави директорката Снежана Захариева.

Во годишната програма за опремување на Кумановската болница планирана е и набавка на повеќе ЕКГ апарати, холтери за следење на срцев ритам, стробоскоп, ларингоскоп и гастроскоп, бидејќи постојните се веќе расипани или истрошени.

Во болницата наскоро треба да започне со работа новиот Ургентен центар, со што ќе се подигне квалитетот на услугите за пациентите.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk