Кумановски акцијаши бараат еколошки проекти од партиите

20.09.2016 08:45 | KumanovoNews

Здружението на граѓани „Кумановски акцијаши“, кое го промовира унапредувањето на волонтеризмот и доброволната работа во сите сфери на општествениот живот ги повикува сите политички партии во градот да се обединат во заштита и унапредувањето на животната средина.

Кумановски акцијаши бараат еколошки проекти од партиите

Акцијаши сметаат дека незагадениот воздух, чистите реки и здравата животна средина е интерес на сите граѓани независно од политичката и национална определба.

„Ги повикуваме политичките субјекти во општината Куманово со свои еко-проекти да го дадат својот “вистински“ придонес за обединување на граѓаните по прашања кои се од значење за квалитетот на животната средина, за иднината на младите генерации. Отворено и јавно ги каниме сите политички партии, граѓанските здруженија, да учествуваат во реализацијата на еден таков проект. Ние ќе учествуваме на секој проект на кој ќе бидеме поканети, ако истиот е насочен кон обединување на граѓаните од сите политички, национални, верски припадности, заштитата и унапредувањето на средината, како и секој проект кој е за добро на локалната и општествената заедница. Перспективата на Куманово е само во слогата на сите негови жители, на сите чинители на општествениот и општествено политичкиот живот. Ако како индивидуи сме различни според размислувањата, идеите, нацијата, културата, верата, тоа нека биде мотив повеќе да сме сложни како “кумановци“ за нашето Куманово, -стои во обраќањето на претседателот на здружението за доброволна волонтерска работа “Кумановски акцијаши„ Јусуф Љатифи-Јуско.

Од Кумановски акцијаши велат дека во целост ќе го задржат својот неполитички статус и позитивно ќе одговорат на секој повик кој е во интерес на граѓаните на општината Куманово.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk