Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Српскиот музичар Ѓорѓе Николиќ - Давид вчера попладне ја напуштил Македонија, откако Основниот суд во Куманово донел решение да ја укине мерката за претпазливост и му ги вратил личните документи.
Адвокатот Виктор Цветковски од Куманово, вели дека решението е донесено уште во петокот, а вчера станало првавосилно, по што се исполнети сите законски услови Давид да може да ја напушти државата.
„Вратени му се пасошот и личната карта, со обврска да се пријави во Кумановскиот суд еднаш месечно, наместо двапати неделно како што беше досега. Николиќ максимално соработува со македонските органи на прогон, и при секое нивно барање или повик ќе биде присутен за непречено одвивање на постапката“, вели Цветковски за Кумановоњуз.
Српскиот музичар Николиќ беше дел од сообраќајна несреќа, која се случи на 21 јануари на автопатот Куманово - Табановце, на околу 2 км пред граничниот премин, во која загина жена.
Според првичните сознанија на ОЈО Куманово, прво дошло до судир помеѓу автомобилите „поло” и „голф”, кога најверојатно еден од возачите излегол на автопатот во недозволена насока.
„По тој првичен судир, патничката од кумановското возило излегла од автомобилот и во тој момент на неа налетал автомобил ‘опел инсигнија‘ со српски регистарски таблици. Од ударот жената се здобила со тешки повреди, од кои починала. Издадена е наредба за обдукција на починатата, како и за испитување на примероци од крв и урина на другите учесници, кои во моментов се хоспитализирани со полесни повреди. Прибрани се траги и материјални докази, кои ќе бидат предмет на вештачење, со цел прецизно да се утврдат причините за сообраќајната несреќа“, соопшти ОЈО.
Николиќ, бил примен во Кумановската болница со полесни повреди, по што бил пуштен на домашно лекување. Тој остана во Македонија до завршување на законските процедури. Во петокот со својот адвокат беше во едно кафуле во Куманово, каде се гледа дека му е повредена раката.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk