Кумановските и липковските наставници штрајкуваат, во Нагоричане работат

20.01.2015 08:29 | KumanovoNews

Просветните работници во Куманово и Липково денеска стапија во штрајк, додека во општина Старо Нагоричане наставата се изведува вообичаено.

Кумановските и липковските наставници штрајкуваат, во Нагоричане работат

Наставниците кои штрајкуваат се на своите работни места, но не држат часови.

 “Настава денеска нема да има во основни и средни училишта во Куманово. Во текот на денот претседателот на СОНК, Јаким Неделков ќе го посети Куманово и регионот за да види како се одвива штрајкот“ - вели Никола Стојмановски, секретар во Регионален просветен синдикат.

Училиштата во општина Липково исто така штрајкуваат, со исклучок на основното училиште “Дитурија“ во село Липково.

 “Сите училишта штрајкуваат, освен “Дитурија“ и гимназијата бидејќи тие не се зачленети во синдикат. Во нашата општина часови не се одржуваат поради штрајкот на професорите“ - рече Џевдет Рахмани, одговорен за образование во општина Липково.

Училиштата во општина Старо Нагоричане денеска работат нормално.

“Учениците се навреме стигнати со комбиња од околните села. Сите наставници се на своите работни места. Немаме никаков застој, си работиме како и секој друг ден“ - изјави Даниела Станковска, директорка на “Светозар Марковиќ“ во село Старо Нагоричане.

Наставниците штрајкуваат со барање за покачување на платите за 25 отсто, укинување на казните и поедноставување на административните обврски кои ги имаат.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk