Кумановските јавни претпријатија меѓу најголемите должници во државата

24.02.2022 09:05 | Жаклина Цветковска

ЈП „Водовод“ Куманово се наоѓа на листата на 10-те државни фирми и јавни претпријатија во државата со најголеми долгови, според анализата на Порталб, направена врз основа на податоците од Министерството за финансии.

Кумановските јавни претпријатија меѓу најголемите должници во државата

Ова кумановско претпријатие има доспеани, а неплатени обврски во висина од 8,1 милиони евра.

Поголеми долгови од ЈП „Водовод Куманово“ имаат само три субјекти и тоа: АД Македонски енергетски ресурси со пријавени 82,6 милиони евра, АД МЖ Транспорт со долг од 64,9 милиони евра и ЈП Колекторски систем Скопје со 8,6 милиони евра.

ЈП „Чистота и зеленило“ Куманово, пак, должи 4,2 милиони евра и е меѓу шесте државни акционерски друштва и јавни претпријатија со поголеми износи на долг.

Останатите јавни претпријатија имаат долг помал од 3 милиони евра, додека општинските јавни претпријатија пријавиле доспеани, а неплатени обврски во износ од 58,4 милион евра.

На должничката листа од областа на здравството се голем број на општи болници, речиси од сите градови. Меѓу нив е и Општата болница-Куманово која должи 3,3 милиони евра. Останатите јавни здравствени институции, кои не се на листата со големи доспеани, а неплатени обврски, имаат долг понизок од 2,8 милиони евра.

Најзадолжени општини, пак, се Тетово, Охрид и Гостивар, а со поголеми долгови се соочуваат и општините Струга. Карпош, Делчево, Кичево и Сарај. Останатите општини имаат долгови пониски од 1,5 милиони евра.

Со оглед на финансиско-енергетската криза и неможноста на општините и на јавните претпријатија навреме и во целост да ги платат сметките за електрична енергија, се очекува долговите на овие субјекти да се зголемат во првиот квартал од годинава. Но, конечната состојба со обврските сепак ќе зависи од тоа дали општините ќе добијат финансиска инекција од централната власт за да можат да ги подмират тековните обврски, а со тоа и да не создаваат нови.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk