Кумановските коледари го прославија Бадник

06.01.2024 15:29 | Оливера Пешевска

По 24-ти пат се организираше народна прослава на Бадник од Здружението Коледари од Куманово. Традиционалното одбележување секоја година успева да собере голем број на посетители, па ни годинава не беше исклучок.

Кумановските коледари го прославија Бадник

На свеченоста која го најавува Христовото раѓање кумови беа Зоран Божиновски Данур и Мишко Николовски Библиотека.

„Посакуваме многу среќа и радост на сите што се тука, и воопшто на граѓаните. Упатуваме еден апел ова да ни остане како традиција, секоја година да бидеме се побројни. Прв пат сме кумови и многу голема чест е што сме поканети“, истакна Мишко Николовски, во името на кумовите.

Прославата на Бадник започнува со посета на црквата Свети Никола, каде што се сече славскиот колач и се врши примопредавање на кумството, а потоа поворката поминува по улиците во централното градско подрчаје и завршува на градскиот плоштад.

Коледарите носат убава вест, па така и здружението ја носи веста за Христовото раѓање.

„Посебно ме радува што има доста од помладата генерација, млади луѓе кои ја продолжуваат традицијата на она што ние им го оставаме. И стануваме се помасовно здружение, ја надминавме бројката од 3 илјади членови, младите ја продолжуваат традицијата, учат некои работи што е голем успех за нас“,  истакна Мирослав Доневски, претседател на здружението.

Специјални гости на прославата беа галичката музика - Маевци од Дебар. 

Здружението „Коледари Куманово“ е активно преку целата година со учество на крводарителски акции, ликовни колонии и други хуманитарни манифестации. Сите активности ги финансираат од сопствени средства.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk