Кумановските културни работници се приклучија кон предупредувачкиот штрајк

24.12.2019 15:10 | KumanovoNews

 Вработените во културните институции во градот, денеска се приклучија на генералниот еднодневен штрајк на Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ).

Кумановските културни работници се приклучија кон предупредувачкиот штрајк

Како што беше и најавено, вработените во установите од културата, дојдоа на работа, но не ги извршуваа обврските.

Во Театар Куманово вработените беа на своите работни места, но не ги извршуваа обврските, а ја откажаа и пробата на новата претстава.

„Предупредувачкиот еднодневен штрајк беше најавен од страна на  Синдикатот на култура на Република Македонија, а целта на штрајкот е барање на потпишување на колективниот договор со што би се регулирале и уредиле работните односи кои веќе 15 години во културата се во хаос. Со тој договор и неговото потпишување би се поставиле основните темели во културата, врз кои може да се има понатамошен развој. Инаку СКРМ доби подршка и од СОНК кој вчера донел одлука за солидаризирање во штрајкот. И доколку нема позитивна реакција од надлежните сите би стапиле во  генерален штрајк после празниците кој би траел се додека не се потпише колективниот договор“, - изјави Сања Русеска претседател на СО Театар Куманово.

Протестот на културните работници се одржа во речиси сите градови, а беа откажани голем број на претстави, а музеите не примаа посетители.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk