Кумановските моторџии за 3,5 месеци направиле 206 прекршоци

03.09.2020 08:22 | KumanovoNews

На подрачјето на Општина Куманово од почетокот на мај, па до средината на август регистирани се вкупно 206 прекршоци сторени од страна на возачи на мотоцикли.

Кумановските моторџии за 3,5 месеци направиле 206 прекршоци

Како што соопштуваат од Министерството за внатрешни работи, и покрај спроведените летни кампањи и апелите од страна на СВР Куманово, за внимателно и одговорно однесување во сообраќајот, од вкупно 206 прекршоци 140 се поради неносење на заштитен шлем, 41 поради управување без возачка дозвола, 14 поради управување на нерегистирано возило, 4 поради управување со изминат рок на полиса за осигурување, 1 поради технички неисправно возило, 2 поради управување со изминат рок на регистрација и 4 останати причини.

„Во период од мај до 16 август  констатирани се 206 прекршоци сторени од страна на возачите на мотоцикли. Дел од горенаведените прекршоци се завршени со предупредување, а на дел им е издаден прекршочен платен налог. Во период од јануари до 21 август на подрачје на Општина Куманово се имаат случено 28 сообраќајни незгоди во кои учесници се моторциклисти, 7 се случени во јуни, 4 во јули и 6 во август“, соопштуваат од МВР.

Најчести причини за сообраќајните незгоди се: брзо возење, престигнување, недавање првенство на минување, поминување на црвено светло на семафор, разминуање, не држење растојание, не држење до десен раб на коловоз и други.

Од Секторот за внатрешни работи, во соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот Куманово, во изминатиот период беа спроведени летни кампањи во кои се апелираше да се вози внимателно и одговорно, а исто така во соработка со мото клубот „Мечки“ беше спроведена и сообраќајна поука наменета за мотоциклистите. На сообраќајната поука беа повикани 20 прекршители, кои направиле полесен сообраќаен прекршок, кои наместо да платат парична казна од 35 евра, добија ослободување од кривично гонење.

(Ф.Марковска)


Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk