Кумановските пожарникари добија нова лична заштитна опрема

25.01.2019 13:04 | KumanovoNews

Пожарникарите од Територијалната противпожарната единица Куманово по цели 19 години добија нови заштитни одела и опрема за работа.

Кумановските пожарникари добија нова лична заштитна опрема

Триесет пожарникари од вкупно 50 се опремени со нови панталони, јакни, чизми, ракавици и шлемови. Опремата ги задоволува европските стандарди и е набавена од Хрватска и Шпанија. Тие за последен пат добиле ваква опрема во 2000 година, кога министерка за внатрешни работи беше Доста Димовска.

„Се работи за високо професионална опрема во вредност од три милиони денари, која е набавена со средства од буџетот на Општина Куманово. Набавени се 30 униформи“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски на промоцијата на новата опрема.

Командирот на противпожарната единица Деан Илиевски вели дека опремата ќе ги зголеми безбедноста на пожарникарите и квалитетот на работењето, бидејќи таа овозможува да се интервенира во поризични случаи и на повисока температура.

„Лична заштитна опрема добија сите пожарникари-спасители, кои се во првите редови при интервенциите, додека пожарникарите-возачи ќе ја користат досегашната опрема со која работевме. Станува збор за квалитетна опрема, која може да поднесе температури и до 600-700 степени и дава сигурна заштита“, изјави Илиевски.

Во последните 19 години, кумановските пожарникари работеле со 20 заштитни униформи и опрема, која веќе е дотраена. Службата има вкупно 50 пожарникари и девет возила, а по бројот на жители и територијата што ја покриваат, потребни се уште толку. Од почетокот на годината имало 24 интервенции за пожари или во просек, една интервенција дневно.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk