Кумановските занаетчии бараат Општината да им помогне да отворат сувенирница

22.01.2021 08:09 | KumanovoNews

 Занаетчиите од Куманово бараат Општината да им помогне да отварат занаетчиски дуќан, во кој ќе се продаваат нивните производи и ракотворби.

Кумановските занаетчии бараат Општината да им помогне да отворат сувенирница

Тоа би било сувенирница, којашто ќе ја посетуваат домашните и странски туристи, но и граѓаните кога сакаат да однесат рачно изработен автентичен подарок од градот.

 „Тоа е идеја која што опстојува повеќе години, но се` уште нема реализација. Сега ќе разговараме со градоначалникот ако може да ни помогне да направиме една сувенирница, во која ќе бидат претствени сите занаети, од кујунџии, грнчари, опинчари, ракотворби од вез и накит. Најдобро е таа биде во централното градско подрачје каде посетителите ќе можат да видат со што располагаме и можат да купат, а со тоа да ни дадат поддршка за нашиот опстанок. Бараме поддршка од Занаетчиската комора и од Општината да ни помогнат да истраеме и да опстанеме како занаетчии, за да го претставуваме и градот и државата и со тоа да ги мотовираме младите да ги наследат занаетите и да остане нашата традиција.  Ние сме 4. генерација на грнчари во Куманово, занаетот го започнал мојот прадедо и сакаме да опстане и понатаму“, - вели Стојан Трајковиќ, произведувач на грнчарски производи.

Тој потенцираше дека малите занаети се многу погодени од коронакризата и доколку не била обезбедена помош за исплата на плати од државата повеќе од сигурно е дека повеќето од нив би ставиле клуч на работилниците. Тој се надева дека пандемијата што поскоро ќе заврши и тие ќе се вратат на своите редовни обврски и на тој начин да ја чуваат и пренесуваат македонската традиција на идните генерации.

 Регионалната занаетчиска комора во Куманово со поддршка на Министерството за економија отвори канцеларија, во која е поставена етно одаја, со носии и предмети кои ги произведувале кумановските занаетчии. Експонатите ќе бидат изложени само во наредните три месеци.

(С.Н.)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk