Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Извештајот за извршување на Програмата за комунални дејности на Општина Куманово за 2023 година покажал дека во општина Куманово во текот на минатата година не е релизиран ниту еден капитален проект, кој е од суштинско значење за градот.
Ова беше кажано од советникот на Партијата на пензионерите, Миле Андоновски, во расправата за Извештајот за извршување на Програмата за уредување на градежно земјиште, изградба и одржување на комунална инфраструктура на Куманово и на Програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици во Општината Куманово, за периодот од 1 јануари 2023 година до 31 декември 2023 година.
„Кога ќе го прочитате детално, прецизно и конкретно целиот извештај, не можете да пронајдете ниеден проект кој е од капитално и општо значење за Куманово. Тука може да се најде реализиран крак на улица, најверојатно со бекатон плочки, реконструкција на асфалтна подлога на некоја улица во должина од 120 метри. Проекти кои не решаваат ама баш ниедно стратешко прашање од значење за развој на градот. Извештајот покажува дека цела 2023 година, имајќи го во предвиди и квалитетот на завршените работи, затоа што има преправки и на тукушто завршени работи, е катастрофално лоша и од аспект на контрола на квалитет на трошење на средствата и од аспект на тоа како се дизјанирани потребите на развојната програма на Општина Куманово“, кажа Андоновски.
Во извештајот стои дека околу 28 милиони денари се потрошени за бекатонирање на улици, потоа 30 милиони за асфалтирање и реконструкција на улици, повеќе од 25 милиони за поправка и адаптација на ударни дупки на коловозните ленти, повеќе од 61 милиони за т.н. субвенциониран превоз. За канализација околу 7,5 милиони, нешто помалку за водовод.
Она што посебно го истакна Андоновски е дека завршените проекти се пресметуваат во квадратни метри, за да се добие поголема бројка.
„Предлагам бекатонот употребен на некоја уличка, со должина од 8 метри и ширина од 2,5 метри наместо во метри квадратни да го прикажувате во сантиметри – ќе излезат 2 милиони метри квадратни и ќе биде многу повеќе завршената работа“, истакна Андоновски.
Извештај за извршување на „Програмата за уредување на градежно земјиште, изградба и одржување на комунална инфраструктура на град Куманово“ и на „Програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици во Општината Куманово“ беше изгласан со 17 гласа за, четири против и еден воздржан.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk