Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Над 500 мигранти од Сирија, Авганистан, Сомалија и Пакистан деновиве престојуваат во липковското село Лојане.
Во обид нелегално да ја минат македонско-српската граница, странците со недели живејат во шумата над селото и слободно-шетаат. Во потрага по храна дење доаѓаат во селските продавници, а ноќе се организираат да поминат на нелегалните премини.
Претседателот на месната заедница Лојане Сељами Мемети, вели дека селото врие од мигранти и нивниот број постојано се зголемува.
Само завчера вечер дојдоа над 100 Сиријци. Ги има од сите возрасти, но најмногу се млади луѓе. Некои водат жени и деца, но поретко, главно се сами и во групи. Се плашиме дека ќе ни донесат некоја заразна болест. Може се заразени и од ебола, од кај да знаеме. Во шумата живејат без никакви услови за лична хигиена и се живо изгнасија, - вели Мемети.
Минатата недела се одржал состанок на селаните со претставници на полицијата и ОБСЕ. Било побарано од МВР мигрантите да бидат протерани од селото, а таму каде што тие престојувале да се изврши дезинфекција на теренот. На состанокот еден од жителите кажал дека мигрантите обиле куќа на негов роднина, кој живее во Швајцарија. Влегле внатре, но ништо не украле, туку само спиеле во собите. Луѓето се несигурни од нивното присуство.
Родителите секој ден ги водат и враќаат децата од училиште. Неможеме повеќе вака да живееме, ова трае со години. Нека го реши државата проблемот додека не се случило нешто страшно, -додава Мемети.
Лојане е едно од селата каде поминува каналот за меѓународен шверц за мигранти. Селото се наоѓа на самата граница со Србија и во планината постојат повеќе диви гранични премини каде што организирано се пренесуваат странците.
Во кумановско мигрантите често се цел на напад на разбојници, кои им ги крадат парите и мобилните телефони. Минатата година тројца жители на Табановце пукаа во мигранти, при што убија еден од нив.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk