Мандатот на градоначалниците и советниците до 15 мај

17.03.2017 13:58 | KumanovoNews

Мандатите на градоначалниците и советите на општините ќе се продолжат до 15 мај.

Мандатот на градоначалниците и советниците до 15 мај

Одлуката ја донело Министерството за локална самоуправа, а го прифатил и управниот одбор на Заедницата на единиците на локална самоуправа(ЗЕЛС) на денешната седница.  

„Одлуката е донесена по толкување и мислење на Министерството за правда. Доколку до наведениот рок нема локални избори или нова општинска власт ќе се чекаат инструкции за натамошно постапување“, - изјави Александар Арсиќ, претседателот на Советот на општина Куманово и член на управниот одбор на ЗЕЛС.

 Од ЗЕЛС информираат дека по дискусијата  на  присутните  градоначалниците и претставници од советите на општините било заклучено да се поддржи доставеното мислење од Министерството за локална самоуправа, за траење на мандатите на градоначалниците и советниците до 15 мај, 2017 година.

 При тоа беше упатен апел за обезбедување на услови за побрзо распишување на локалните избори,  бидејќи во спротивно ќе настане состојба кога општините и институциите кои се под општинска надлежност: училишта, градинки, културни установи, јавни претпријатија, противопожарни единици не ќе можат да ги извршуваат своите надлежности, - соопштуваат од ЗЕЛС.

Министерството за локална самоуправа побарало мислење од Министерството за правда, како надлежно за вршење на работите што се однесуваат на изборите,  како да се покрие вакум просторот поради не распишување на локалните избори во законскиот рок.

„Согласно мислењето од Министерството за правда, постојните градоначалници и членовите на советите на општините можат да ги извршуваат своите со закон утврдени надлежности до завршување на рокот определен во членот 16 став (1) од Изборниот законик, односно до крајот на првата половина на месец мај, со цел да се обезбеди заштита на уставно загарантираното право на граѓаните на локална самоуправа преку обезбедување на континуирано вршење на надлежностите од страна на органите на општината“, соопшти Министерството на локалната самоуправа.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk