Маски дефилираа на Градскиот плоштад

10.05.2014 09:18 | KumanovoNews

Околу 3000 маски денеска продефилираа на Градскиот плоштад на традиционалниот маскенбал “Батко Ѓорѓија 2014“.

Маски дефилираа на Градскиот плоштад

И оваа година основците, средношколците и децата од градинка се маскираа во своите омилени јунаци од приказните и цртаните филмови. Голем број спајдермени, кловнови, убавици, карти дефилираа пред присутните.

Има маски “Заспаната убавица и седумте џуџиња“, „Годишни времиња“. Ова е ден кога дечињата можат своите желби да си ги реализираат и да бидат на кратко принцези, вили, пирати. Имаше интерес и многу голема благодарност до учениците и родителите кои се потрудија да учествуваат - вели Маја Стефановска, одделенски наставник во основното училиште “Христијан Карпош“.

Маскенбалот се оддржува 11 - та година по ред и секоја година има се подобри и поквалитетни маски.

И оваа година имаме гости од Струмичкиот карневал. Тоа се ученици од средните стручни училишта кои ќе се претстават со своите маски. Тоа е една возвратна посета и продолжување на традицијата да нашите ученици учествуваат на нивниот карневал, а тие ни возвраќаат. Оваа година имавме масовен одзив. Училиштата едвај чекаа да дојде денот кога ќе се претстават со нивната иновација, креација - изјави Жика Крстевски, раководител на сектор за спорт и култура во Општина Куманово.

На маскенбалот со музички точки настапија децата од балетското студио “Мак“ и од Детското градско хорче.

По завршување на маскенбалот жири комисија ќе одлучи кои маски се најдобри и ќе бидат наградени.

Маскенбалот “Батко Ѓорѓија“ го организира локалната самоуправа преку секторот за спорт и култура и Фондација за култура и спорт. За организирање на настанот од општинскиот буџет се одвоени 100.000 денари.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk